13 ноември, освен што за нас, граѓаните на нашата татковина е познат како Ден на ослободувањето на Скопје, во светски рамки е познат како Ден на љубезноста. Воведен е во 1998 година од страна на Светското движење за добрина, коалиција на невладини организации за љубезност на нациите. Овој ден служи како потсетување на важноста да бидеме љубезни кон себе, луѓето околу нас и кон светот.
На овој ден, Денот на љубезноста, имаме можност да размислиме за своите досегашни постапки и да сфатиме дека многу често ја занемаруваме моќта на допирот, насмевката, искрениот и љубезен збор, а сите тие имаат потенцијал да го променат животот. Ние размислуваме премногу, а чувствуваме премалку. А денес, како што минува времето и светот од ден на ден се претвора во многу студено место за живеење, место каде што исчезна љубезноста сѐ повеќе ни треба хуманост отколку машинерии, повеќе ни треба љубезност и нежност отколку остроумие. Љубезноста е многу мал но моќен збор, кој во суштина има големо значење. Затоа на овој ден, за миг да заборавиме на грижите и да се насмевнеме, да упатиме некому топол љубезен збор, да го отвориме срцето и да бидеме причина за нечија насмевка, затоа што секој од нас поседува моќ да го направи светот поубаво место за живеење.