
Хумус
Хумусот е намаз, традиционален за земјите од Блискиот Исток. Во современиот свет неговата популарност расте во светски рамки, заради специфичниот, богат вкус, мазната текстура, а се смета и за еден од најздравите намази не само за вегетаријанската исхрана, туку и за сите љубители на ориенталската храна.
Зошто хумусот е исклучително хранлив и корисен?
1. Дијабетес
Хумусот помага во регулација на нивото на шеќер во крвта, поради нискиот гликемиски индекс на главната состојка на хумусот: наутот. Хранливите влакна во хумусот и сложените јаглехидрати кои ги содржи, го регулираат нивото на шеќер кој се ослободува во крвта и така помагаат во контрола на дијабетесот. Затоа хумусот се препорачува како дел од менито за исхрана кај дијабеичарите.
2. Здрав меѓуоброк
Бидејќи е богат со протеини, може да ви помогне во контрола на апетитот и регулација на нивото на шеќер во крвта. Особено е полезен за намалување на потребата од постојано грицкање. Исто така, железото кое го содржи хумусот помага во зголемување на енергијата, што може да ве направи помотивирани за вежбање.
3. Дигестивно здравје
Хумусот содржи голем број на хранливи влакна кои помагаат во одржување на дигестивно здравје. Особено се покажал како корисен во борбата против констипација и полесно движење на храната низ дигестивниот систем.
4. Здрави мускули
Наутот е извор на амино киселини кои се многу важни во градење на здрави мускулни влакна. Амино киселините телото ги користи во процеси како градење на мускулна маса, обнова на ткива и продукција на енергија.
5. Омега-3 масни киселини
Уште една намирница на хумусот е маслиновото масло кое е богато со омега-3 масни киселини. Истите имаат многу корисно дејство врз телото особено при воспалителни болести и болести како артритис, хипертензија и рак.
6. Кардиоваскуларно здравје
Хумусот е одличен за одржување на кардиоваскуларно здравје, повторно како резултат на маслиново масло кое го содржи. Според истражувањата, конзумацијата на маслиновото масло е една од причините за ниска стапка на смртност од кардиоваскуларни болести во медитеранските земји, во кои маслиновото масло се конзумира речиси двојно повеќе отколку во останатите земји. Исто така студиите потврдуваат дека конзумацијата на храна која во себе содржи маслиново масло, како хумусот, помага во борбата против кардиоваскуларни компликации и во одржување на здрав нервен систем.
Потребни состојки:
• 400 гр варен наут (наутот доколку е сув, се пониснува во вода и се остава да отстои преку ноќ, со тоа значително се намалува времето за готвење; се премива со чиста вода и се вари додека да омекне)
• 3 лажици сусамов таан
• 100 мл маслиново масло
• сок од 1 лимон
• 1 лажичка сол
• 1 лажичка бибер
• 2 чешниња лук
• додатоци по желба: семки од тиква, семки од сончоглед, куркума, свеж магдонос…
Начин на подготовка:
Ставете ги сите намирници во блендер и блендирајте. Додадете малку од водата во која се варел наутот (или водата од конзервата наут ако се одлучите да користите готов), додека не добиете смеса со густина на пире.
Добиената смеса ставете ја во еден сад и хумусот е спремен за сервирање. Сервирајте со ливчиња магдонос, една лажица маслиново масло и малку бибер.
Намазот може да го јадете намачкан на интегрално лебче, како додаток на домашните сендвичи или во комбинација со зеленчук, како моркови, целер, краставици.


